35 години традиција, пријателство и култура
ЈУ. Детски културен центар „Карпош“ и оваа година под покровителство на Град Скопје од 18 до 21 септември 2026 година го реализираше Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“, фестивал кој со децении го негува орото , песната, музиката и традицијата, поврзувајќи ги децата и младите од различни земји преку универзалниот јазик на фолклорот.

Ова јубилејно издание започна со етно работилница на 19.09 од 11:30 часот во Парк на Франкофонија каде воедно беше и првото запознавање, дружење, пеење и играње на децата кои беа учесници на овој фестивал. Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот беше дефилето на учесниците, кое истиот ден тргнаа од Центарот во 18:30 часот и од сите учесници се формираше најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателство меѓу децата. Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Градски парк на Школка со почеток во 19:00 часот каде Директорката на ДКЦ –Карпош на сите учесници им посака убава и успешна фестивалска вечер и со тоа го отвори јубилејното 35-то издание на фестивалот „Оро без граници“. Фестивалот продолжи на 20 септември во 12:00 часот на платото пред Скопје Сити Мол каде учесниците-фолклорци со песна и оро пред многубројната публика го затворија овој прв детски фолклорен фестивал во нашата држава.
Оваа година фестивалот имаше посебно значење, бидејќи се одбележа јубилеј – 35 години постоење. Три и пол децении „Оро без граници“ претставува приказна за традицијата и културното наследство, дружењето и создавањето нови пријателства меѓу најмладите учесници од Македонија и од странство.
Учесници на овогодишното „Оро без граници“ беа: ДКЦ–Карпош-фолклорната секција - Македонија, АНИП „Орце Николов“ - Македонија, CTKU „Kosta Abraševič” Bačka palanka“ - Srbija, Folklorna skupina Dragatuš – Slovenija и ФА „Љиљан“ - Македонија.
Фестивалот претставува можност децата преку своите фолклорни настапи да ги претстават богатството и убавината на културата од која доаѓаат, но истовремено да се запознаат со традициите, обичаите, песните и игрите на своите врсници од други земји и традициите кои се негуваат во нашата држава.
Оваа година пријатели на фестивалот беа АНИП „Орце Николов“-Скопје, МАЈА вода, Винчини, и Скопје Сити Мол.