Работилниците за КРЕАТИВНО МЕНТОРСТВО се наменети за ученици од основните и средните училишта на Град Скопје и имаат цел да ја сублимираат креативноста и креативните потенцијали како основа за понатамошен раст и развој на ученикот.
Креативноста претставува нераскинлив дел на човекот и со нејзино отсуство не е возможно да се постигне иновативност. Сведоци сме на постојаните потреби на формално и неформално образование и токму затоа нашата цел е да го насочиме вниманието кон овој креативен сегмент и на тој начин да се обидеме да делуваме на квалитетот на образовниот процес.
Во сферата на креативните индустрии, теоретски имаме многу висок процент на образовани луѓе, но исто така и низок процент на практично оспособени ученици - млади луѓе.
Овие работилници ќе се развиваат во правец на интеграција на учениците во основните и средните училишта со експерти - ментори и низ серија предавања, работилници и посета на културни настани и проекти да постигнат повисоко ниво на креативност и инвентивност, а сето тоа преточено во завршен производ од областа на креативните индустрии.
Преку работилниците учениците ќе имаат можност директно да се вклучат во општествените процеси, преку нивна директна ангажираност во полето на културата.
Целта на секоја работилница е да финализира со готов производ, а понатаму следи промоција, презентација, поврзување со можни стопански субјекти. На овој начин учениците ќе имаат можност да се вклучат во целокупниот процес на креирање и создавање т.е од идеја до реализација на идејното решение - производ.