Концепираноста на фестивалската програма во основа ја поддржува разноликоста која се сретнува во воспитно - образовниот процес во танцовите секции. Таа разноликост опфаќа широк спектар како класичен балет така и мноштво од современи стилови.
Организацијата и реализацијата на фестивалот придонесува за афирмација на танцовата уметност кај младата популација, запознавање со иновативната содржина во негување (обука) на танцот како уметничко средство на изразност и оценка на професионалните капацитети и ресурси за развој на танцовата уметност во Македонија.
Ова е прв балетски фестивал во нашата држава кој ги опфаќа сите категории на деца. Непостоењето на ваков фестивал кај нас ја актуелизира потребата за системски пристап кон вреднувањето на балетската уметност во сите возрасни категории.
Вреднувањето на талентите е неопходно и еден ваков фестивал ќе го унапреди и културниот живот во нашиот град. Фестивали од овој вид, постојат во сите важни европски градови и се исклучително посетени и високо вреднувани, бидејќи ја промовираат уметноста уште со првите чекори на нашите деца.