ЈУ ДКЦ - „Карпош“, од 19 до 22 септември 2019 година, по 28 пат ќе го организира најмасовниот и најстариот Меѓународен детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ 2019 – симбол на пријателство меѓу децата.
Во досегашново одржување на фестивалот, градот Скопје и Р.С.Македонија биле домаќини на повеќе илјади странски и исто толку домашни деца-фолклорци.
На фестивалот се поканети гости од Р. Србија - Јагодина, Р. Грција, Р. Словачка и Р. Турција, а покрај гостите од странство ќе учествуваат и македонски ансамбли.
Пред централниот настан, сите гости тргнувајќи од ДКЦ – „Карпош“ го започнуваат фестивалското дефиле кое завршува на плоштад Македонија.
Централниот настан ќе се одржи на 21 септември (сабота) на плоштадот Македонија од 18.30 часот, а фестивалот ќе го отвори Директорката на ДКЦ - „Карпош“ д-р Билјана Лалчевска Серафимовска. Фестивалот ќе започне со најпознатите македонски игри и ора кои ќе ги изведат членовите на играорната секција од ДКЦ - „Карпош.
Децата играорци преку шаренолкоста на костимите и оригиналноста во кореографските движења ќе ја претстават традицијата и културата на својата земја и по 28 пат ќе формираат едно големо „Оро без граници“. Покрај официјалниот дел, на гостите ќе им бидат претставени атрактивни локации во Градот Скопје: Зоолошката градина, Музејот на илузии, Старата Скопска Чаршија и знаменитостите на Скопје.
Фотографии од манифестацијата можете да погледнете на нашата веб страна на: Галерија - „ОРО БЕЗ ГРАНИЦИ“ 2019 ...
ПОСЕТЕТЕ НÉ НА: Оро без граници