„Оро без граници“ повеќе од 30 години претставува симбол на пријателствo помеѓу децата од државата и од странство. Своите почетоци ги бележи во далечната 1991 година, каде се одржува и првиот фестивал и од тогаш до ден денес овој фестивал се реализира во континуитет 33 години.
Фестивалот е во организација на „Детскиот културен центар „Карпош“, а главен покровител на фестивалот е Град Скопје. Детскиот културен центар - Карпош со својот фолклорен ансамбл се домаќини на фестивалот, а со тоа тие ја водат и целата организација. Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, каде се формира најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателство меѓу децата.
Централниот настан се одржа во градскиот парк на Школка на 21.09.2024 со почеток во 19.00 часот. Фестивалската програма како и секоја година, започна со традиционални македонски игри и ора, а први настапија членовите на фолклорната секција при ДКЦ –Карпош. Оваа година Оро без граници беше во знакот на мултикултурен мозаик. Во продолжението на фестивалот настапија и други фолклорно уметнички друштва каде публиката можеше да види испреплетување на култури и традиции кои ја претставија со своите уникатни костими и носии.
Детски фолклорен фестивал Оро без граници придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и културата и промовирање на знаменитостите по кој е препознатлив Градот Скопје, изјавува Директорот на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Фотографии од манифестацијата можете да погледнете на нашата веб страна на: Галерија - „ОРО БЕЗ ГРАНИЦИ“ 2024 ...
ПОСЕТЕТЕ НÉ НА: Оро без граници