Успешно заврши уште едно издание на Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“, кој своите почетоци ги бележи во далечната 1991 година.
ЈУ. Детски културен центар „Карпош“ под покровителство на Град Скопје, традиционалнo по 34 пат го организираше и реализираше овој спектакуларен детски фолклорен фестивал кој повеќе од 30 години ги соединува децата од повеќе вери и националности и со тоа го негува мултикултурното пријателство помеѓу децата особено преку раскошните костими и традиционалните ора.
Фестивалот започна со еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот, а тоа е дефилето на учесниците, кое тргна од Центарот во 18:30 часот и од сите учесници се формираше најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателство меѓу децата.
„Оро без граници“ е празник на градот кој широко ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорот на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска
Централниот настан се одржа во градскиот парк на Школка на 19.09.2025 со почеток во 19.00 часот. Фестивалот го отвори Директорката на ДКЦ-Карпош која зборувајќи за традицијата и културата ги најави гостите на фестивалот. Фестивалската програма како и секоја година, започна со традиционални македонски ора со настап на членовите на фолклорната секција при ДКЦ –Карпош. Фестивалот продолжи со настап на други фолклорно уметнички друштва каде публиката можеше да види испреплетување на култури и традиции кои ја претставија со своите уникатни костими и носии. Покрај домашните гости особена чест беше да се погледнат прекрасните ора и костими на гостите од културните уметнички друштва „Радомир Поповиќ“ и „Симонида“ - Ранилуг од Косовска Каменица.
Оро без граници е фестивал кој претставува и понатаму ќе претставува симбол на културата и пријателствo меѓу децата од државата и странство, кој придонесува да се негува, зачувува и презентира традицијата и културата , кои претставуваат значаен белег на државата и градот Скопје.