Во полн ек се подготовките за второто издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц кој ќе се одржи од 14 – 16.06.2022 во организација на ЈУ. Детски културен центар – Карпош и поддршка на Градот Скопје.
Овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балтеската уметност.
Фестивалската програма опфаќа класичен балет и мноштво од современи стилови. Првата фестивалска вечер, во рамките на фестивалот, Ансамблот на Националната опера и балет и оркестарот ќе ги изведе претставите Шехерезада и Валпургиска ноќ.
Втората вечер е посветена на балетските и танцови студија, додека третата фестивалска вечер публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и ООМБУ. Лазо Мицев - Рале од Кавадарци и Факултетот за музичка уметност - балетска педагогија.
Таа разноликост на фестивалот придонесува за афирмација на танцовата уметност кај младата популација , запознавање со иновативната содржина во негување на танцот како уметничко средство на изразност како и оценка на професионалните капацитети и ресурси за развој на танцовата уметност.
Оваа година ќе се додели благодарница и статуетка за животно дело на Александар Доброхотов, балетскиот уметник, кој со својата работа придонел оформување на творечките ликови на балетските уметници на сцената на Македонскиот Народен Театар. Статуетките се изработени специјално за Фестивалот за класичен балет и модерен танц од M Аrt Gallery кој е и главниот поддржувач на фестивалот.