Инспирација за овој проект е една африканска мисла која вели: „Ако сакаш да одиш брзо, чекори сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, чекори со некого“.
ЈУ Детскиот културен центар - „Карпош“ од февруари до мај 2020 година реализираше низа работилници од проектот „Креативно ментерство“, односно размена на знаење и искуство на релација ментор - ученик. Проектот се реализираше во основни и средни училишта на територија на Град Скопје
Работилниците се развиваа во правец на интеграција на учениците во основните и средните училишта со експерти - ментори и низ серија предавања и посета на културни настани и проекти се постигна повисоко ниво на креативност и инвентивност, а сето тоа се преточи во завршен производ од областа на креативните индустрии.
Учениците имаа можност директно да се вклучат во работилниците и предавањата и преку нивна директна ангажираност во полето на културата да ја постигнат посакуваната цел.
Учениците кои беа одбрани и работеа на проектите со помош на ментор имаа потреба да го надградат и развијат своето знаење, да научат нешто ново, да се пронајдат себе си за на крај да ја промовираат својата работа.
Учество земаа 3 средни училишта и тоа:
- во гимназијата „Орце Николов“ - Скопје се одржуваа работилници за дигитална фотографија,
- во гимназијата „Јосип Броз Тито“ - Скопје се реализираа работилници за изучување на техника мозаик,
- во гимназијата „Здравко Цветковски“ - Скопје се изучуваше стара техника за изработка на фрескоживопис.
Две основни училишта земаа учество и тоа:
- ООУ.„Киро Глигоров“ - Центар каде се реализираа работилници за изработка на кукли за куклена претстава на тема „Тоа сум јас“ и
- ООУ. „Јохан Хајнрих Песталоци“ - Центар каде се реализираа работилници Стоп анимација.
Вкупно беа опфатени 120 ученици кои имаа можност да ја истакнат својата креативност согласно својот афинитет, односно понудена работилница. Сите работилници на крајот финализираа со готови производи.
Дел од работилниците кои беа планирани за месец април, заради состојбата со корона вирусот се реализираа со учење на далечина, со поддршка на платформите кои веќе ги користат учениците во редовната настава која ја реализираат на далечина и со поддршка на едукаторите кои го дадоа својот максимум во изведба на овие креативни работилници.
Мораме да истакнеме дека учениците беа пресреќни кога ги контактиравме за продолжување на работилниците со што им покажавме дека го вреднуваме нивниот труд.
Исто така оние малку работилници кои се реализираа „online“, кај учениците предизвикаа голем интерес и со љубов и трпение пристапија кон завршување на своите започнати први ремек дела од сите области кои беа понудени.
Интересот за ваков тип на креативни работилници од година во година расте, со што можеме со сигурност да кажеме дека сме ја постигнале целта. Ученици покажаа дека им треба едно вакво освежување и со голем ентузијазам доаѓаат на работилниците