Детскиот културен центар „Карпош“ - Скопје ќе ја организира и реализира традиционалната детска манифестација „СНЕЖЕН ГРАД“ - 2019.
Манифестацијата ќе се одржи од 19 до 24 февруари 2019 година на Попова Шапка. Градителите ќе бидат сместени во хотел „Славија“ - ЕЛЕМ, кој е и соорганизатор на манифестацијата.
Учесници - градители на „СНЕЖНИОТ ГРАД“ се ученици од основни училишта од повеќе градови од Македонија; Скопје, Куманово, Виница, Тетово. Сите тие се екипирани по десетина деца со свој ментор и со потребните алатки градат своја скулптура и ја прикажуваат својата креативност и умешност. Децата кои учествуваат на „СНЕЖЕН ГРАД“ користејќи ја својата фантазија, се вистински уметници кои си играат со снегот и го претвораат во објект кој што тие си го замислиле. Веруваме дека како и секоја година ќе направат впечатливи, уметнички скулптури.
Во рамките на манифестацијата се одржуваат и други активности од забавно -рекреативен карактер: избор на снежна убавица, спортски игри и натпревари во пинг понг, билијард, шах, училишна квизотека, пикадо, снежен крос, најслатка бонбона, снежно бинго, бал под маски и се разбира забава, танцување во дискотека за учесниците на „СНЕЖЕН ГРАД“.
На 24 февруари во 11:00 часот децата - градителите заедно со директорката на ДКЦ „Карпош“, д-р Билјана Лалчевска Серафимовска свечено ќе го отворат „СНЕЖНИОТ ГРАД“, за сите посетители кои ја сакаат оваа уметност за да можат да ги разгледаат ремек делата на малите креативци направени од снег.