Во организација на ЈУ Детски културен центар „Карпош“ со поддршка од Град Скопје по трет пат, од 09.06 до 20.06. 2022 година се организираше и реализираше фестивалот на детската креативност „Трамболини“. Низ многуте работилници кои минаа низ овој детски фестивал се ширеше среќа, радост, задоволство и многу креативност.
Реализацијата на програмата од Трамболини и сите работилници започнаа да се реализираат од 10 јуни и беа наменети за сите возрасти на деца. Фестивалот се преточи во неисцрпен извор на креативност. Преку едукативните и креативни работилници Фестивалот на детска креативност „Трамболини“ ја развиваше креативноста, креативните вештини, фантазијата и љубопитноста кај децата се до 20 јуни, кога свечено се затвори фестивалот со одлични изведби и целовечерна програма.
Фестивалот се реализираше со деца, кои беа на возраст од 7 до 17 години, кои преку електронски пријави, а и од информации од социјалните мрежи се пријавуваа за учество во работилниците.
Низ работилниците минаа повеќе од 140 деца. Со разновидните работилници ги поттикнавме децата да ги изразат сите квалитети од областа на театарот, ликовната и музичката уметност, личен развој, отворена дебата со стручни лица, природни науки, филмски проекции, танц, изложби... Децата на овој единствен фестивал успеаа да совладаат нови техники на креативно изразување на забавен и креативен начин. Во склоп на фестивалот освен што имавме можност работилниците од природни науки да ги реализираме во соодветен простор, со самото отварање на новата лаборатрија за природни науки, дел од работилниците се одвиваа и токму во неа.
Се реализираше и дебата во EU House на тема Развој на детската креативност и детската книжевност, каде низ добри примери од секојдневието се разгледаа различни аспекти на креативноста со стручни гости.
Како наши соработници на фестивалот се јавија и Музеј на современа уметност, Археолошкиот музеј – Скопје, Локалитет Тумба Маџари, Градска Библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје кои ги отворија вратите за учесниците на манифестацијата, како и Кинотека на Република Северна Македонија.
ПОСЕТЕТЕ НÉ НА: ТРАМБОЛИНИ