ЈУ Детскиот културен центар „Карпош" со поддршка од Град Скопје од 8 до 10 ноември 2023 година го реализираше четиринасеттото издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло", како дел од богатата културна понуда на Скопје – Европска престолнина на културата 2028.
Фестивалот „Тремоло“ е културен настан кој ги обединува љубителите на класичната гитара, студентите и професорите, не само од Скопје и од Република Северна Македонија, туку и пошироко. Со текот на годините овој единствен фестивал во нашата земја прерасна во престижен културен настан кој сведочи за присуството и појавата на сé поголем број светски познати уметници специјализирани за класична гитара. Со успешна реализација на Фестивалот „Тремоло" ЈУ Детски културен центар „Карпош" дава голем стимул и поддршка за развој и промоција на овој вид уметност кај нас.
Овој ноември, на фестивалот „Тремоло“, на задоволство на скопската публика, се одржаа два концерта, и тоа: на 8 ноември од 19:30 часот во Националната филхармонија настапи Фламенко трио - Vientos del Erasmа од Шпанија, а на 9 ноември од 18:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност пред скопјани настапи италијанскиот класичен гитарист Nino D´Amico.
Влезот за концертите беше слободен.
Покрај двете концертни вечери, во текот на овој музички фестивал се одржаа и мастер часови и работилници.