Врвни гитаристи и добитници на „греми“ - гости на „Тремоло“ 2021. Започнува 12-то издание на Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, единствениот од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара.
Годинава, меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“ го реализира своето 12-то издание, од 17 до 23 мај, во организација на Детскиот културен центар - „Карпош“, со поддршка на Град Скопје.
На задоволство на публиката и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории и мастер часови.
Меѓу концертите планирани за годинава први се оние на: Давид Штрбац - Србија/Австрија и на Адам дел Монте - САД, кои ќе се одржат на 19 мај во малата сала на Македонската филхармонија, потоа на „Дуо Дениција“ - Македонија/Германија и на Герхард Герхард Рајхенбах - Германија, најавени за 21 мај во „Куршумли ан“, како и на Нејц Кухар - Словенија/Австријаи на Габриел Бјанко - Франција, чии настапи на 22 мај, исто така, ќе бидат во малата сала на Македонската филхармонија.
Најавено е учество на многу гости од странство, од кои дел ќе бидат и членови на интернационалното жири:
- Адам дел Монте од САД, еден од водечките фламенко и класични гитаристи и композитори од неговата генерација, добитник на награди „греми“;
- Габриел Бјанко од Франција, признат како еден од најдобрите денешни класични гитаристи, победник на престижни меѓународни натпревари, во Сан Франциско, САД и во Кобленц, Германија;
- Герхард Рајнхенбах од Германија, кој веќе 40 години настапува како солист и заедно со оркестри на сите важни меѓународни фестивали на гитара;
- Нејц Кухар од Словенија/Австрија, професор на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена и на Конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ во Ајнштадт, предавач на престижната школа „Џулијард“ и др.;
- Ерхан Мујка од Косово,
- Бошко Радојковиќ од Србија,
- Џевдет Сахатчија од Хрватска/Косово,
- Николај Михаилов
- Стела Динкова од Бугарија.
Од македонска страна во жирито членуваат:
- Дарко Багески - нашиот познат гитарист, кој моментално работи како редовен професор на Факултетот за музичка уметност, уметнички директор на „Тремоло“, основач е на Летната академија за гитара во Охрид и претседател на македонската заедница за класична гитара;
- Борче Наумоски - доцент на Факултетот за музичка уметност, кој ги предава предметите гитара, камерна музика и литература за гитара, а предава и како професор по гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“
- Љубомир Наќевски - професор по класична гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, чии ученици активно учествуваат на фестивалите во регионот и се добитници на државни и меѓународни награди и
- директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска.
Овој фестивал е прв посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините, прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара.
Детскиот културен центар – „Карпош“ има долга и богата традиција во однос на организација на многубројни културни настани и манифестации, за кои сведочат многубројни признанија и награди, а со овој фестивал, кој е поддржан и од градот Скопје, ја збогатија домашната културна сцена.
Фотографии од манифестацијата можете да погледнете на нашата веб страна на: Галерија - „ТРЕМОЛО“ 2021 ...
ПОСЕТЕТЕ НÉ НА: ТРЕМОЛО