Меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ го реализира своето 13-то издание од 1 до 8 јуни, во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, со поддршка на Град Скопје. На задоволство на публиката, и годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастерчасови.
Натпреварите ќе се одржуваат онлајн од 1- 5 јуни, а во интернационалното жири годинава членуваат врвни музички професионалци: Џевдет Сахатџија, Стефан Трифан, Хозе Карлос Гомез, Стела Динкова, Зоран Анич, Ерхан Мујка, Борче Наумовски и Љубомир Наќевски.
Во живо ќе се одржат неколку концерти.
Првиот е на 4 јуни на гитаристот Лука Романели, минатогодишен победник на „Тремоло“, во „Даут пашиниот амам“ во 19,30 часот. На 6 јуни концерт ќе одржи Милош Вуковиќ во Музејот на македонска револуционерна борба од 19.30 часот. На 7 јуни е закажан концертот на Хозе Карлос Гомез во Македонската филхармонија од 19,30 часот. Последниот во серијата концерти е на 8 јуни на Горан Кривокапиќ во Македонската филхармонија во 19,30 часот.
Инаку, овој фестивал е прв посветен на уметноста на класичната гитара во нашата земја. Низ годините прерасна во престижна културна манифестација што ги обединува љубителите на класичната гитара. Детскиот културен центар „Карпош“ има долга и богата традиција во однос на организацијата на голем број културни настани и манифестации, за кои сведочат многубројните признанија и награди, а со овој фестивал, кој е поддржан и од Град Скопје, ја збогати домашната културна сцена.