Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло" 2025.
ЈУ. Детскиот културен центар „Карпош" со поддршка на Град Скопје успешно го организираше и реализираше 16-то издание на Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло" 2025 кој се одржа од 19.05 до 22.05.2025 година.
Овој спектакуларен фестивалот веќе 16 години на едно место ги обединува љубителите на класичната гитара, студентите и професорите од Скопје, од државата, но и од светот. Во текот на изминатите години овој единствен фестивал кај нас, прерасна во престижен културен настан кој сведочи за присуството и појавата на сé поголем број светски познати уметници специјализирани за класична гитара.
Оваа година на Фестивалот по класична гитара „ТРЕМОЛО“, скопската публика имаше можност да ужива во две концертни вечери на кои настапија странски светски познати гитаристи.
Првиот концерт се одржа на 19 мај во Музејот на македонската борба од 19:30 часот на кој настапи младиот класичен гитарист Павле Филиповиќ од Србија. Вториот концерт се одржа на 20 мај од 19:30 часот во Националната филхармонија каде скопската публика уживаше во вистински музички спектакл на кој настапија гостите од Шпанија „Хиспано“-фламенко вечер. Шпанската вечер заврши со посебно изненадување за публиката со настапот на Мартина Кара која испеа две песни една на шпански јазик и македонската легендарна песна Јовано Јованке. На двата концерти, во полните сали, скопската публика уживаше во два прекрасни и спектакуларни настапи. Покрај двете концертни вечери, во текот на овој музички фестивал се одржаа мастер часови и работилници од областа на класичната гитара и фламенко.
На вториот концерт во Националната филхармонија бевме почестени со присуство на гости - Абасадори од неколку странски Амбасади во нашата држава. Концертот го отворија Директорката на ДКЦ Карпош, д-р Билјана Лалчевска Серафимовска и Амбасадорот на Кралството Шпанија Рафаел Соријано Ортиз (Rafael Soriano Ortiz).
Меѓународниот фестивал на класична гитара „Тремоло" 2025 е културен настан кој со години со својата автентичност ги обединува љубителите на класичната гитара и со изборот на гости и нивните изведби и концерти во текот на изминатите години, ДКЦ Карпош придонесува овој престижен настан да биде препознатлив со својата уникатност, кај нас и во светот.